Економски факултет и Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип потпишаа Меморандум за научна соработка со престижниот Економски институт – Загреб. На работната средба во Загреб делегација на Економски факултет и УГД предводена од проректорот за инвестиции и развој, проф. д-р Дарко Лазаров, деканот на Економски факултет, проф. д-р Оливера Горгиева-Трајковска, продеканот за наука и меѓународна соработка, проф. д-р Весна Горгиева-Свртинов и продеканот за настава и студенти, проф. д-р Емилија Митева-Кацарски разговараа со менаџмент тимот на Економскиот институт предводен од директорката, д-р Тајана Бабич, за идните можности за научна соработка помеѓу двете институции.
На средбата беше договорено во следниот период да се формираат работни тимови од двете страни кои ќе работат на дефинирање на потесните области за меѓусебна соработка во делот на заедничко аплицирање на меѓународни истражувачки проекти, како и размена на знаења и искуства преку организирање на заеднички семинари и настани.
Универзитетот „Гоце Делчев” – Штип на овој начин ја потврдува својата силна определба за градење на силни врски и воспоставување на партнерства со реномирани меѓународни научни и образовни институции како основа за постигнување на подобри научноистражувачки и академски резултати.