Денес на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, ректорот проф. д-р Дејан Мираковски оствари средба со гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија, д-р Анита Ангеловска-Бежоска.
На средбата беше потенцирана досегашната соработка помеѓу двете институции во рамки на потпишаниот Меморандум за соработка што е потврда со денешната презентација на гувернерката на Економскиот факултет во Штип. На презентацијата таа пред студентите ќе зборува за тековните макроекономски предизвици и улогата на НБРСМ во одржување на макроекономската стабилност. Во изминатиот период на Економски факултет при УГД беа организирани повеќе настани за студентите на теми поврзани со макроекономија и монетарна политика од страна на претставници на НБРСМ, а пред неколку години беше организиран и заеднички семинар за напредни макроекономски истражувања што е потврда за континуираната соработка на двете институции.
Многу поважно на средбата беше разговарано за идните можности за заедничка соработка во делот на научноистражувачката работа. Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип е активен чинител во општествено-економските текови во државата и со научноистражувачките капацитети кои ги поседува е подготвен за проактивна улога во забрзување на економскиот развој на земјата преку поинтензивна соработка со бизнис секторот, државата и државните институции, како и со граѓанскиот сектор.
Во таа насока, на средбата ректорот Мираковски заедно со професорот Дарко Лазаров од Економски факултет го претставија пред гувернерката на Народната банка планот на Универзитетот за основање на истражувачки центар кој преку напредни научни алатки и техники ќе работи на решавање на практични проблеми поврзани со индустријата, бизнисот и економските политики. Воедно, тие разговараа за идна можна соработка во делот на макроекономско моделирање и предвидување, како и во делот на иницирање на образовна соработка помеѓу двете институции. Гувернерката Ангеловска Бежоска истакна дека Народната банка во континуитет ја поддржува научно-истражувачката работа и макроекономското моделирање, коешто е основа за носење на одлуките за монетарната политика. Народната банка како професионална институција и натаму ќе продолжи да поддржува научно-истражувачка работа, вклучително и преку натамошна соработка со Универзитетот Гоце Делчев – Штип.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска пред студентите на Економски факултет на УГД одржа предавање – презентација за најновите проекции на Централната банка.
-Централната банка два пати годишно прави макроекономски проекции со кои на некој начин ги систематизира тековните состојби но и очекувањата за движењата на македонската економија на среднорочен период. Во заднината на овие макроекономски проекции се макроекономските модели кои ние во Централна банка во континуитет ги развиваме и се трудиме да ги усовршиме. Секако, проекциите не се само резултат на макроекономските модели, туку во овој динамичен и неизвесен контекст, комбинираме и со многу други извори на податоци, вклучително и анкети кои ги спроведуваме во приватниот сектор, но и експертско знаење вткаено во нашите најнови макроекономски проекции – изјави Ангеловска-Бежоска.