Професори од Луксембург и од Полска денеска имаа предавање и работилница со студентите на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“.
- Денес студентите имаа можност да слушат предавање од експертот-истражувач од Луксембург Филип Фидановски, кој ја презентираше теоријата на игра. Нашите студенти имаа можност да ги прошират своите теоретски знаења. Во рамките на проектот, кој е финансиран од Светска банка и од Универзитетот во Пенсилванија, ќе имаме можност да реализираме и работилница насловена „Idea Lab“ каде што студентите на различни теми ќе ги кажат своите мислења и ставови што ќе бидат канализирани до соодветните институции - изјави доц. д-р Дарко Лазаров
Предавањето и работилницата ги проследија сите студенти од сите наставни центри на Економскиот факултет. Предавачот Филип Фидановски е економски експерт од Македонија кој долги години работи во странство.
- По покана на мојот драг колега Дарко Лазаров го одржав предавањето за важноста на финансиската стабилност и финансискиот сектор. По овој дел, накратко зборував за основите на теоријата на игри, пред сѐ за некооперативните игри кои можат да се поврзат со моментите на одлучување и донесување на одлуки во стресни ситуации - истакна професорот Филип Фидановски од Универзитетот „Рунин“ во Луксембург
Во рамките на овој настан, на работилницата преку интернет врска се приклучи и професор д-р Ѓорѓија Петковски од Универзитет во Полска. Тој заедно со студентите од УГД генерираше идеи кои ќе ги артикулираат потребите на младите луѓе од овој регион.