Search

Зошто да студирам на Економски факултет?

Одлични можности за вработување, кариерен развој и започнување на бизнис

Студирањето економија и бизнис може да им обезбеди на младите луѓе вреден збир на вештини и знаења, кои може да се применат во различни услови, како лични, така и професионални.

Разбирање на економијата и бизнисот

Економијата е наука за тоа како поединците, компаниите и институциите ги користат ограничените ресурси за создавање вредност и донесување рационални и прагматични одлуки.

Изучувањето на економијата им помага на младите да разберат како функционираат пазарите, финансиите и бизнисот, што го поттикнува економскиот раст и како глобалните и дигиталните промени влијаат врз економските текови.

Разбирањето на економијата и рационалната распределба на ресурсите се основа за успешен бизнис, паметни финансиски одлуки и градење успешна кариера во современиот свет.

Финансиска писменост

Парите се дел од секојдневниот живот. Кога станува збор за парите, се поставуваат следниве прашања: Како да управуваш со своите приходи? Како да планираш буџет? Што значи да инвестираш и како да го процениш финансискиот ризик?

Финансиската писменост ти помага подобро да ги разбереш личните финансии, инвестициите, кредитите, финансиските пазари и ризиците и да носиш посигурни и информирани одлуки.

Современ бизнис-компас

Имаш идеја… Како да ја претвориш во нешто што луѓето ќе го препознаат, ќе го посакаат и ќе го изберат?

Менаџментот и маркетингот ти помагаат да размислуваш стратешки, да создаваш креативни решенија, да градиш брендови и да препознаваш што му е потребно на пазарот.

Од првата идеја до успешен производ, услуга или компанија, Економскиот факултет ќе ти помогне да ги претвориш идеите во брендови, а брендовите во успешни приказни.

Основа за донесување одлуки

Секоја успешна компанија се потпира на точни, навремени и релевантни извештаи. Стекнатото знаење ќе ти овозможи правилно да ги следиш, анализираш и толкуваш деловните податоци, да ги препознаваш ризиците и аргументирано да учествуваш во донесувањето деловни одлуки.

Со стекнување знаења од областа на финансиското известување, анализата, сметководството, внатрешната контрола и ревизијата, развиваш аналитичко размислување, прецизност и професионални вештини применливи во современиот деловен свет.

Глобална бизнис-перспектива

Во глобалниот свет, бизнисот не функционира изолирано. Промените на цените, каматните стапки, девизните курсеви и глобалните пазари можат да влијаат врз компаниите и економиите ширум светот.

Студирањето на Економскиот факултет ти овозможува да разбереш како функционира глобалната економија, како се одвива меѓународната трговија и што ги поврзува компаниите и пазарите во различни земји.

Ако сакаш да размислуваш глобално, да ги следиш глобалните трендови и да работиш во динамична меѓународна средина, ова е можност да го претвориш интересот за светот во успешна кариера.

Можности за кариера

Што сакаш да бидеш утре? Финансиски аналитичар, инвестиционен советник, банкар, маркетинг експерт, бренд-менаџер, менаџер, бизнис-аналитичар, сметководител, ревизор, претприемач, проектен менаџер, консултант или професионалец во меѓународниот бизнис?

Студиите на Економскиот факултет ти овозможуваат не само да стекнеш современи знаења, туку и да ги примениш преку практична работа, професионално вмрежување во земјата и во странство и поврзување со деловниот сектор.

Со меѓународно призната диплома и стекнати практични вештини, добиваш пошироки можности за вработување, професионален развој и градење кариера дома и во странство.

Изборот на Економски е првиот чекор кон кариерата што ја посакуваш!