Економскиот факултет во Штип е јавна високообразовна установа (наставно-научна единица) во состав на Универзитетот „Гоце Делчев“, на кој се организираат и се изведуваат универзитетски академски студии на прв, втор и трет циклус, вклучувајќи ја и научната и високостручна работа во научни подрачја на економските науки и бизнисот.
Местоположба
Економскиот факултет е сместен во еден од најубаво средените делови на централното подрачје на градот Штип и располага со задоволителен и бесплатен простор за паркирање.
Точната локација на факултетот е на крајот на ул. Генерал Михајло Апостолски, на левиот брег на реката Отиња, веднаш под паркот Суитлак, во простор опкружен со зеленило. (Погледни на >>>мапа<<<)
Основање
Економскиот факултет со својата работа започнува во 2007 година, во градот Штип, акредитиран е од Министерството за образование и наука на РС Македонија и е ценет и признат како реномирана високообразовна институција во земјава.
Детали за организациската поставеност и начинот на функционирање на факултетот ќе најдете во Статутот на Економски факултет.
Економскиот факултет денес
Денес Економскиот факултет е една од водечките високообразовни институции од областа на општествените науки во земјава, максимално е посветен на продуцирање висококвалитетен кадар, кој ќе биде успешен во искористувањето на економското знаење во сè поизразените компетитивни услови, и ќе биде способен да се справи со предизвиците што ги нуди современиот развој на општеството и бизнисот.
Факултетот нуди студиски програми за додипломски, постдипломски и докторски студии од повеќе области во економијата и бизнисот.
Студентите во фокусот
Економски факултет во фокусот ги става студентите и нивните потреби, поради што се градат и се одржуваат партнерства со локални, национални и меѓународни организации и институции, кои обезбедуваат можности за студентите да стекнат практично искуство и изложеност на различни деловни средини.
Факултетот ги следи светските трендови и континуирано иновира во поглед на студиските програми на ниво на европските и светските практики, воведува нови наставни методи и техники, со слобода за креативност и изразување на сопствените гледишта на професорите и студентите, во контекстот на општествените појави и процеси.
Зошто Економски?
Времето поминато на Економскиот факултет е исполнето со бројни мигови на градење на вашето образование и кариера – инспиративни, предизвикувачки, едукативни, научни.
Посветени сме и секогаш подготвени да ви помогнеме да стигнете до оваа цел, затоа што нашиот постигнат успех и професионалност ги гледаме првенствено преку вашиот успех. [Повеќе]