Search

Докторски студии по Економски науки

Трет циклус на студии на Економски факултет – Штип
Економскиот факултет во Штип организира и студии на трет циклус, односно докторски студии од полето на економските науки. Оваа студиска програма е заснована на начелата на Болоњската декларација и има за цел да едуцира и да оформи кадри за самостојно вршење на научно-истражувачка дејност во сферата на економската наука. Во рамките на понудената програма, покрај носечките задолжителни предмети, докторандите, во соработка со менторот, може да се насочат кон потесни специјализации преку изборните предмети во областите на Економските науки, како на пример: Економија, Меѓународна економија, Меѓународен бизнис, Менаџмент, Маркетинг, Сметководство, Финансии и Ревизија. Студиската програма се реализира во траење од 3 години, односно шест семестри, и носи 180 ЕКТС кредити по Европскиот кредит трансфер систем. По завршувањето на студиите од трет циклус на оваа програма, докторандите се стекнуваат со звањето: Доктор по економски науки

Цел и оправданост за воведување на студиската програма на трет циклус на студии – докторски студии: Економски науки

Студиската програма за трет циклус го претставува врвот на академската хиерархија во еден образовен систем. Оваа студиска програма е целосно заснована на начелата на Болоњската декларација и има за цел да едуцира и да оформи кадри за самостојно вршење научно-истражувачка дејност во сферата на економската наука.

Предложенава студиска програма од трет циклус студии од областа на економските науки претставува одговор на манифестираните комплексни и динамични промени во деловното опкружување во Р. Македонија, во употребата на современите менаџерски техники, постапки и методи, во услови на сè поинтензивно прифаќање на меѓународните менаџерски стандарди на однесување и унапредување на транспарентноста во менувањето на институционалната регулатива.

Со оваа студиска програма на едно место се врши обединување на современите научни сознанија од современите економски теории и практики, со што се зголемува ефективноста и ефикасноста на студиите од трет циклус. Впрочем, современите организации денес имаат едновремена потреба од делегирање, децентрализација, функционално интегрирани организациски единици, комплементарни тимови, интерактивни односи со човечките ресурси, како и хоризонтално, вертикално и дијагонално интегрирање на долгорочните организациски цели со длабоките поттикнувачи за најефикасно однесување од подредените. Нивното изучување целосно се остварува во рамките на оваа студиска програма од трет циклус на студии.

Усогласеност на студиската програма со потребите на општеството за дадениот профил на кадри

Студиската програма е усогласена со потребите на општеството за дадениот профил на кадри (Доктор на економски науки). Република Македонија сè уште има потреба од високо образован кадар од наведениот профил. 

Студиската програма Економски науки нуди современ академски пристап за стекнување и акумулирање на знаење во градење на профил на доктор на економски науки, кој ќе биде способен да се соочи со предизвиците за проценка на состојбите на внатрешното и надворешното опкружување и адаптирање кон позитивните промени во компаниите; примена на соодветни концепти на раководење, во согласност на состојбите на организацискиот субјект; антиципирање на позитивните промени и адаптирање кон нив; состојбите со конкуренцијата и следење на успешните претпријатија (споредување со бенчмаркинг-компании); формулирање на стратегија и носење на одлука за дизајнирање на организацијата, унапредување на квалитетот на работењето и подигнување на задоволството на потрошувачите и клиентите; одржување на ликвидноста и рационално управување со средствата и обврските на организацискиот субјект; преземање успешни претприемачки потфати; начин на унапредување на работењето на организациските субјекти.

Стекнувањето на знаењата, преку изучување на предметните програми што ги нуди оваа студиска програма, ќе им овозможи на докторандите развој на претприемачките вештини за започнување сопствен бизнис, успешно вклопување во постојни компании на високи работни позиции, или, пак, вовед во научно-истражувачки опус на оние што планираат да се вклучат во научната фела. Впрочем, оваа студиска програма нуди академска платформа во која докторандите ќе можат да ја канализираат својата енергија, талент и креативност во профилирање на доктори на економски науки, подготвени да влезат во високообразовните институции и бизнис секторот и да дадат придонес во економскиот и општествениот развој на земјата во наредниот период.

Списокот на акредитирани ментори, кои ви стојат на располагање, ќе го најдете во следната табела:
Наставник Наставно-научно звање
1 Проф. д-р Ристе Темјановски Редовен професор
2 Проф. д-р Оливера Ѓоргиева-Трајковска Редовен професор
3 Проф. д-р Јанка Димитрова Редовен професор
4 Проф. д-р Еленица Софијанова Редовен професор
5 Проф. д-р Стеван Габер Редовен професор
6 Проф. д-р Весна Георгиева Свртинов Редовен професор
7 Проф. д-р Љупчо Давчев Вонреден професор
8 Проф. д-р Тамара Јованова Апасиева Вонреден професор
9 Проф. д-р Илија Груевски Вонреден професор
10 Проф. д-р Марија Гогова-Сакоников Вонреден професор
11 Проф. д-р Емилија Митева-Кацарски Вонреден професор
12 Проф. д-р Благица Колева Вонреден професор
13 Проф. д-р Елена Веселинова Вонреден професор
14 Проф. д-р Дарко Лазаров Вонреден професор
15 Проф. д-р Влатко Пачешкоски Вонреден професор

Целосната наставна програма за докторските студии по економски науки ќе ја најдете тука.

Повеќе детали за процесот на запишување и студирање на докторски студии ќе најдете во рамките на Школата за докторски студии на УГД