Search

Соработка

Партнерство за едукација, размена на искуства и развој

Во денешниот свет на забрзана глобализација, сеопфатното образование за студентите, како и професионалниот развој на академскиот кадар, се од суштинско значење за економската благосостојба на поединецот и за економскиот развој.

Економскиот факултет при УГД го осознава ова и се стреми кон креирање на динамично образовно окружување со фокус на домашна и меѓународна соработка со различни видови на организации и институции. Ваквата соработка нуди повеќекратни бенефити – како за студентите и наставниот кадар, така и за бизнис опкружувањето, а и за регионот во целина.

Соработка со бизнис секторот

Значајна компонента на делувањето на Економскиот факултет во Источниот регион е и соработката со бизнис секторот. Преку директната соработка со локални и национални компании, факултетот гради заемни односи од обострана полза. Компаниите имаат пристап до најновите резултати од научните истражувања, научна консалтинг експертиза, како и пристап до талентирани дипломци, кои го поседуваат потребното знаење и вештини. За возврат, Економскиот факултет има можност да ги збогатува наставните програми со практичните аспекти на реалното работење во бизнис секторот, овозможувајќи релевантно и практично знаење за своите студенти. Оваа соработка исто така отвора можности за остварување на пракса за студентите, како и за нивно вработување по дипломирањето.

Погледнете го списокот на соработници на Економскиот факултет. 

Меѓународна соработка

Со рамките на воспоставените меѓународни партнерства, како од Економскиот факултет, така и на ниво на Универзитетот, на студентите и вработените на УГД им се овозможува да учествуваат во разни програми, проекти и обуки, што се спроведуваат на странски универзитети и на тој начин да се здобијат со значајно знаење и искуство од други добри практики, кои понатаму ќе ги искористат во својата кариера. Во нашата земја УГД е универзитет со најголем број (над 400) меѓуинституционални договори, при што во текот на една академска година се остварува размена на повеќе од 300 дојдовни студенти и 50 лица како наставен и административен кадар.

Повеќе за меѓународната соработка во рамките на УГД можете да најдете на: ugd.edu.mk/za-ugd/sorabotka

Еразмус+ програма

Во рамките на УГД веќе долги години успешно се реализира и програмата Еразмус+, која е проект на Европската Унија во областа на високото образование и која овозможува соработка и размена на студенти и кадар помеѓу партнерски универзитети во Европа.

Размена на студенти:
Програмата е наменета за сите редовно запишани студенти на УГД што имаат завршено најмалку 2 семестри од студиите, имаат постигнато солиден успех и имаат познавање на англискиот јазик. Студентската размена можат да ја реализираат во еден од партнерските универзитети, чија целосна листа може да се најде тука, а студиската размена може да се реализира во период од 6 или 12 месеци.

Во рамките на Еразмус+ програмата нудиме и програма на англиски јазик и активности за странските студенти што доаѓаат на размена на УГД.

Размена на вработени:
Наставниот кадар на Универзитет „Гоце Делчев“ преку Еразмус+ програмата има можност за мобилност, која може да се оствари на еден од странските Универзитети со кои УГД има склучено договор за соработка.

Мобилноста за вработените е во времетраење од една недела и може да биде остварена во форма на предавања или обука.

Со цел оваа програма да биде подобро промовирана пред студентите, УГД во текот на годината постојано организира информативни денови и состаноци со претставници од Националната агенција.

Дополнително, сите потребни информации можете да ги добиете на следниот линк: cmus.ugd.edu.mk