Search

УГД ги објави конкурсите за упис на студенти, прв уписен рок од 20 до 23 август

Споделете

Универзитетот „Гоце Делчев“ ги објави конкурсите за упис на студенти на прв, втор и трет циклус студии за академската 2024/2025 година. Првиот уписен рок ќе започне на 20 август, а заинтересираните можат електронски да аплицираат преку порталот на делот за уписи на веб-страницата на УГД. Има близу 4000 слободни места за прв циклус студии.

Конкурсот опфаќа околу 70 студиски програми на 12 факултети и три уметнички академии. Вкупно има 3983 слободни места. Сите информации за студиските програми се објавени на веб-страницата на УГД во делот за уписите, а заинтересираните во периодот пред нас ќе можат да аплицираат и онлајн, на порталот на веб-страницата, со неколку клика ќе можат да направат свој профил и да ги внесат своите податоци. Но тоа е само првата фаза од аплицирањето, по 5 август ќе треба да се достават и оригиналните документи за да може да се рангираат.   Првиот уписен рок е од 20 до 23 август, вториот на 5 и 6 септември, а третиот на 18 и 19 септември. Академската 2024/2025 година ќе започне на 1 октомвриизјави проректорот за настава, проф. д-р Мишко Џидров.

И годинава, Универзитетот има голем број на ослободување од партиципација – на Факултетот за медицински науки од партиципација во првата година ќе бидат ослободени 40-те најдобро рангирани кандидати (20 на Општа медицина и по 10 на Фармација и на Дентална медицина); на Земјоделски факултет, Факултет за туризам и бизнис логистика, Факултет за природни и технички науки и на Правен факултет – 20; Електротехнички факултет, Технолошко-технички факултет, Машински факултет, Факултет за образовни науки и Музичка академија по десет најдобро рангирани; Факултет за информатика – 30 најдобро рангирани редовни студенти во првиот уписен рок и на Ликовна академија и Филмска академија со по пет најдобро рангирани.

Филолошкиот факултет останува со посебна програма за поддршка на новозапишаните студенти, на Македонски јазик и книжевност се ослободуваат од партиципација во сите четири години од студирањето сите кандидати кои ќе се запишат во трите уписни рока. На Германски јазик, Турски јазик и Италијански јазик и книжевност има по десет ослободувања од партиципација, а на Англиски јазик – 20 ослободувања.

Распишани се и конкурсите за втор и трет циклус студии, а има над 1000 слободни места. Вториот циклус се организира по факултети, а во Конкурсот се објавени и студиските програми.

Третиот циклус студии е организиран по кампуси, има студиски програми во три кампуси, од областите медицински, технички и општествени науки. Фреквенцијата и условите за упис се различни за секоја област и се вклучени во Конкурсот. Пријавувањето за трет циклус студии започнува на 20 август, со тоа што пријавувањето ќе биде електронски, со електронска пријава, кандидатот добива бројче и заедно со таа електронска пријава ги поднесува документите во физичка форма. Овде има еден уписен рок, кој трае од 20 август до 18 октомври, а наставата почнува на 1 ноември (и на втор и на трет циклус). На оние студиски програми каде што нема да се пополнат местата, останува можноста дополнително да се вршат уписиистакна проф. д-р Зденка Стојановска, проректор за наука на УГД.