Search

Наука

Научно-истражувачки и стручно-апликативни активности

Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип е посветен на унапредување на знаењето и поттикнување на иновативноста преку различни форми на научно-истражувачки и стручно-апликативни активности, а сè со цел да се збогати наставниот процес, но и да се влијае на бизнис опкружувањето и на целокупната економија.

Оваа лепеза на научни активности и ресурси меѓу другото вклучува: академски репозиториум со отворен пристап, покренување и учество во проекти, лабораторија за квантитативни истражувања и публикување на академски списанија од областа на економијата и бизнисот.

Публикации (Академски репозиториум)

Прифаќајќи го концептот на отворен пристап, академскиот кадар на Економскиот факултет континуирано ги објавува своите научни и стручни публикации во универзитетскиот репозиториум. Овие публикации, меѓу другото, вклучуваат академски трудови и истражувања (објавени во домашни и меѓународни списанија, и во списанија со импакт фактор), монографии, учебни помагала и сл.

Преку пристапот до овие публикации, нашиот академски кадар не само што ја демонстрира својата посветеност и успешност во научната сфера, туку овозможува и користење на овие ресурси од истражувачите и студентите низ целиот свет, како и од пошироката заедница и бизнис секторот, со што директно влијае во насока на подобрување на економското образование, бизнис практиките и економијата во целост.

Публикациите на наставниот кадар на Економскиот факултет ќе ги најдете на следниот линк: https://eprints.ugd.edu.mk/view/divisions/ECO

Проекти (Научно-истражувачки и стручно-апликативни)

Економскиот факултет како институција, и наставниот кадар (тимски или поединечно) се активно вклучени во бројни иновативни (домашни и меѓународни) проекти, кои помагаат во решавањето на актуелни предизвици во образованието, бизнисот и економијата. Овие проекти често вклучуваат соработка со бизнис партнери, учество на студените, владини и локални институции, како и меѓународни субјекти, со што се нудат напредни теоретски концепти, сознанија базирани на податоци и практични решенија за таргетираните предизвици, со цел да се поттикнат позитивни промени во бизнисот, економските политики и општеството во целина.

Проектите во кои учествува Економскиот факултет и наставниот кадар ќе ги најдете на следниот линк

Лабораторија КИЕОН

Лабораторијата за квантитативни истражувања во економски и организациски науки при УГД (КИЕОН) е една од серијата лаборатории во рамките на УГД и има едукативна намена за студентите во рамките на сите циклуси од студиите. Во лабораторијата примарно се изведуваат наставни и образовни активности, поврзани со квантитативните истражувања во проучувањето на економските области и другите општествени науки, кои имаат слични потреби. Исто, лабораторијата која има напреден статистички софтвер и современ хардвер, се користи од академскиот кадар за научно-истражувачка работа, тимски, самостојно или во соработка со студентите при нивните научно-истражувачки проекти или тези. Оваа лабораторија е исто така отворена за соработка и учество на заеднички проекти со надворешни партнери

Академски списанија

На Економскиот факултет сме особено горди што се објавуваат две значајни академски списанија од областа на економијата и бизнисот. Првото списание – „Годишен зборник“ (Yearbook) излегува од 2009 година и е наменето претежно за домашната академска заедница, вклучувајќи ги и студентите на трите циклуси на студии.

Второто списание, „Journal of Economics“, кое се објавува од 2016 година, има меѓународен уреднички одбор и е индексирано од престижната база на EBSCO. Оваа академска платформа е наменета за професионалци и истражувачи од целиот свет, со цел да придонесат со иновативна научна работа во оваа област. Journal of Economics носи оригинални и целосни научни трудови, кои ги одразуваат најновите истражувања и случувања – како во теоретско-емпириските, така и во практичните аспекти на економијата, финансиите, бизнисот и менаџментот.

Journal of Economics (EBSCO indexed) 
Годишен зборник