Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип преку специјализирани обуки и тренинзи за академскиот кадар и истражувачите активно работи на воспоставување системска поддршка за комерцијализација на иновации базирани на наука, вклучително и основање спин-оф и стартап компании.
Во рамките на Клиниката за претприемништво и иновации, организирана во рамките на проектот IMPACTWHEEL, беше спроведена специјализирана обука за академскиот и истражувачкиот кадар на УГД.
За време на програмата, учесниците беа вклучени во практични сесии дизајнирани да го поттикнат претприемничкото размислување и да ја премостат празнината помеѓу академското истражување и неговата примена во реалниот бизнис-сектор.
Еден од клучните сегменти на клиниката беше практичната примена на VCW – Value Creation Wheel методологијата, структуриран модел што ги води учесниците низ процесите на идентификација на проблеми, мапирање на засегнатите страни, генерирање идеи и валидација на можни решенија.
Високото ниво на ангажираност, креативност и соработка меѓу учесниците беше навистина инспиративно и покажа силен потенцијал за развој на иновативни решенија.
Како дел од обуката, особено значајно беше учеството на успешни иноватори и претприемачи кои ги претвораат резултатите од истражување и развој во комерцијализирани иновации, преку дизајнирање нови производи и услуги за своите клиенти.


