Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип организираше дводневна интерактивна обука за своите студенти во областа на претприемништво како дел од проектот IMPACTWHEEL.
Повеќе од 60 студенти од различни факултети при УГД учествуваа на обуката, стекнувајќи практични знаења за современи алатки и пристапи за развој на бизнис-концепти. Главниот акцент беше ставен на примената на методологијата VCW – Value Creation Wheel, иновативен модел кој им помага на младите да идентификуваат проблеми, да создаваат вредност и да пронаоѓаат оптимални решенија преку структуриран и аналитички процес.
Преку практични вежби, тимска работа и водени дискусии, студентите работеа на развој на идеи поврзани со реални потреби на пазарот, учејќи како правилно да го проценат потенцијалот на една деловна можност. Сесиите беа реализирани од обучени ментори и универзитетски професори, кои ги споделија своите знаења и искуства од областа на претприемништвото и иновациите.
На обуката учествуваше Митко Андонов како успешен претприемач кој ги пренесе своите практични бизнис и претприемачки сознанија пред студентите.
Овој настан претставува значаен чекор во континуираните напори на Универзитетот „Гоце Делчев“ да го поттикнува иновативното размислување, креативноста и претприемачкиот дух кај младите.
Со организирање вакви активности, Универзитетот покажува дека студентите не треба само да стекнат теоретски знаења, туку и да научат како да ги претворат своите идеи во конкретни проекти и успешни приказни.


